Сведоштво на девојче од Дума: Фрлија буре што шиштеше, потоа нè полеваа со вода

Седумгодишната Маса го преживела наводниот хемиски напад во Дума, Сирија, а за Би-би-си опишала како изгледало криењето во подруми, a потоа и бегството од местото на нападот.

Снимката на која се гледа девојчето пред речиси една недела го обиколи светот. На неа се наоѓаат Маса и многу други деца што ги полеваат со вода по наводниот хемиски напад.

„Бевме во подрум, Дума беше нападната. Одеднаш фрлија буре, но тоа не експлодира. Се слушна шиштење. Слушнавме гласови што велеа ‘одете нагоре, одете нагоре’. Отидов на последниот кат и паднав на подот по што не можев да станам. Тогаш мајка ми ме повика, вујко ми ме зеде в раце и ме однесе. Дојдоа лекари, нè зедоа сестра ми и мене. Нè доведоа до првата болничка станица и нè полија со вода, ни дадоа инјекции“, изјави Маса за Би-би-си.

Како што додава таа, потоа отишле да спијат, а гранатирањето продолжило.

„Бевме покриени со прашина. Се вративме во подрум каде што почувствувавме мирис на крв“, рекла Маса.

Колку за потсетување, нападот се случи пред една недела во Дума, предградие на Дамаск, а оттогаш избувнаа тензии помеѓу Западот, од една страна, и Сирија и Русија, од друга. Како одговор на нападот, САД, заедно со Велика Британија и Франција, ја бомбардираа Сирија.

Во тренд…