ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните со свои пари ги плаќаат бизнис шемите на власта

Со СДСМ на власт корупцијата стана начин на работење и функционирање на државата, реагираат денеска од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионските тендери во четири очи, преку кои милиони наместо во нови инвестиции завршуваат на приватни сметки стануваат наше секојдневие. Коруптивниот начин на работа мора да запре. Граѓаните нема од свои пари да ги плаќаат бизнис шемите на власта. Додека милиони се испумпуваат од буџетот, државата стагнира. Република Македонија под водство на СДСМ е на дното на Европа. Нула проценти раст на БДП, 20% пад на градежништвото, цените растат, граѓаните ја чувствуваат економската стагнација“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека СДСМ нема ниту капацитет, ниту план за иднината на државата.
„Гледаме само бизнис коруптивни шеми, од кои профитираат неколку фамилии во врвот на власта. Додека се цеди буџетот на државата за приватни потреби, додека економијата тоне, а задолжувањето расте, власта ја дефокусира јавноста со монтиран кривичен прогон на десетина патриоти, за непречено да продолжи да ја урнисува државата. Десетици неистомисленици на Заев, меѓу кои лекари, уметници, режисери, актери и видни општествени дејци неосновано се влечат по судови и притвори, со цел приредување медиумски спектакл за дефокусирање на јавноста од економската катастрофа во режија на СДСМ“, додаваат од опозициската партија.
Оттаму истакнуваат дека граѓаните ја гледаат деструктивноста на власта.
„Граѓаните гледаат дека правдата е загрозена, а правната држава деградирана. Република Македонија со СДСМ само тоне. Ова сценарио кое ја води државата во хаос мора да запре. Оваа ненародна власт мора да си замине. Граѓаните заслужуваат подобро“, стои во соопштението.