(Видео) Руски научник тврди: Јас го произведував агенсот со кој беше отруен Скрипал

Русија ја негира својата програма за хемиско оружје, а за тоа време доаѓаат нови детали за труењето на поранешниот двоен агент, Сергеј Скрипал.

Научникот Владимир Углев во интервју за Би-би-си призна дека помагал да се развие нервниот агенс „новичок“, со кој беа отруени Скрипал и неговата ќерка.

„Целта беше да се произведе многу помоќна супстанција од нервниот агенс VX, дури десет пати посилна. Ние го направивме тоа“, тврди 71-годишниот Углев.

На прашањето ако отровот е толку моќен, како тогаш Скрипал и неговата ќерка успеале да преживеат, Углев вели дека е убеден оти поранешниот разузнавач вдишал само мала доза од нервниот агенс. Тој исто така додава дека е свесен за својата одговорност.

„Ова не се првите жртви што ги носам на душа. Можам да набројам уште десет луѓе отруени од таа супстанција“, рече Углев, кој работел во државна лабораторија во Саратовскиот Регион на југозападниот дел на Русија. Открил дека во една пригода и самиот тој учествувал во инцидент со отровот „новичок“.

„Тоа беше ‘новичок’, тип ‘А-240’. Во таа пригода мала количина истече на мојата десна рака. Имав среќа бидејќи веднаш успеав да ставам хлороводородна киселина и да ја измијам раката со пероксид“, рече тој.

Тврди дека Скрипал и неговата ќерка настрадале од истиот тип „новичок“. Углев во интервјуто додава дека не е изненаден што Русија го негира своето учество.

„Проблемот не е во Путин, туку во општеството и државата. Логиката покажува дека зад сè стои Русија. Властите толку бргу се обидоа да се оградат од сè како разбојник што краде нешто во продавницата – првин ќе вика дека не е виновен и вината ќе ја префрли на некој друг“, заклучува Углев.