Бектеши ги презентираше можностите за инвестирање пред индискиот министер за текстил

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска беше домаќин на владина делегација од Индија, предводена од министерот за текстил и индустрија, Ајау Тамта, кој се наоѓа во официјална посета на Република Македонија.

На средбата министерот Бектеши рече дека Македонија и Индија како земји членки на Светската трговска организација треба да склучат договор за економска и трговска соработка меѓу владите на двете земји, и тоа ќе претставува поттик за развој на меѓусебните економски односи. Бектеши рече дека економските односи се многу добри, но има потреба да се интензивираат, истакнувајќи дека годишната трговска размена, која изнесува 50 до 60 милиони долари, може да расте.

Бектеши го информираше индискиот министер Тамта за поволните услови што Македонија ги нуди на потенцијалните инвеститори од Индија во различни области, како што е високо развиената текстилна индустрија, која има конкурентни цени, како квалификувана работна сила. Бектеши информира дека покрај тоа што можат да влезат во текстилната индустрија, индиските компании би можеле да ја искористат нашата земја како центар за дистрибуција на финални производи низ цела Европа и пошироко, а посебно во Турција и Украина, земји со кои Македонија има договори за слободна трговија.

Бектеши рече дека Министерството за економија може да помогне во поврзувањето компании од нашата земја и Индија и им понуди олеснувања во процесот на реализација на инвестициите. Министерот за текстил и индустрија на Индија, Ајау Тамта, му се заблагодари на министерот Бектеши за гостопримството, истакнувајќи дека Македонија ја чувствува блиска, пред сè поради тоа што е родно место на Мајка Тереза. Министерот Тамта рече дека компаниите во Индија се заинтересирани за инвестиции во текстилната индустрија и во земјоделскиот сектор, но дека голем интерес има и за филмската индустрија и информатичката технологија.

Тамта рече дека текстилната индустрија во Индија вработува 45 милиони луѓе, додека годишниот извоз достигнува 40 милијарди долари. Размената меѓу Македонија и Индија во 2017 година достигна 54,6 милиони долари, додека во 2016 година таа изнесуваше 64,7 милиони долари.