Скопје доби нов цветен пазар кај Поликлиниката „Бит-пазар“

0 Shares

Скопје доби нов цветен пазар кај Поликлиниката „Бит-пазар“. Градот Скопје овозможи тезгите со цвеќиња што беа распослани на тротоарот по должината на булеварот Крсте Мисирков до Бит-пазар да бидат поставени на само 100 метри од оваа локација, на просторот зад Поликлиниката „Бит-пазар“.

„Град Скопје и општина Чаир со поддршка на еснафот на Старата скопска чаршија и Комората на трговци на Република Македонија почнаа да ги ослободуваат улиците и тротоарите од сите пречки што го оневозможуваат нормалното одвивање на сообраќајот во кој учествуваат моторните возила, велосипедистите и пешачите. Од денеска Скопје добива уште еден цветен пазар. Упатувам молба до нашите сограѓани да помогнат во овој процес на адаптација на новата локација за тезгите на цветниот пазар. Секое купено цвеќе е чекор плус за справување со транзитниот период и можните потешкотии во работењето. Градот Скопје има разбирање дека трговците коишто работат на нелегално поставените тезги вложуваат многу труд за да заработат за основните средства за живот. Затоа, во соработка со „Скопски пазар“ за сите трговци на нелегално поставени тезги на овој потег обезбедивме простор во рамките на „Бит-пазар“ под одредени поволни услови“, рече на денешната прес-конференција портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Во делот околу Бит-пазар е предвидено да се оформи нова такси-станица, да се засадат дрвореди, просторот хортикултурно да се уреди и да се постават заштитни столпчиња на тротоарите од двете страни на булеварот. Дополнително, се планира да се уредат и осветлат пасажите во Старата скопска чаршија.

„Наша цел е да изградиме партнерски однос при што никој нема да биде оштетен, ниту трговците ниту учесниците во сообраќајот. Светските искуства покажуваат дека воведувањето ред е за доброто на сите, особено за трговците бидејќи овозможува подобра трговска комуникација. Веруваме дека придобивките од ваквиот потег ќе бидат согледани многу брзо и дека иницијативата за ослободување на улиците и тротоарите во градот ќе биде поздравена. Потребно е да се нагласи дека долгогодишните проблеми со кои се соочуваат граѓаните што секојдневно се движат на овој потег се решаваат. Ние посветено работиме за доброто на нашите сограѓани. Скопје е град за сите“, нагласи Салиху.

0 Shares