Почна состанокот на Советот за безбедност на ОН за Косово

Советот за безбедност на Обединетите нации почна со расправа за новиот тримесечен извештај на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, за работата на Привремената административна мисија на Обединетите нации на Косово (УНМИК).

Србија ја претставува министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, кој, како што е најавено, ќе ја изнесе оценката на Србија за ситуацијата на Косово и Метохија за дејствувањето на УНМИК.

Дачиќ претходно рече дека Србија ќе бара од членките на Советот и во иднина да се расправа за Косово. Во извештајот за периодот од 17 јануари до 15 април, Гутереш изрази загриженост поради влошувањето на односите помеѓу Белград и Приштина, особено по апсењето на директорот на Канцеларијата на српската влада за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, и ги повика двете страни да се воздржат од запалива реторика. Истовремено, изрази загриженост поради бавниот напредок во истрагата за убиството на лидерот на косовските Срби, Оливер Ивановиќ.