Албанската опозиција бара оставка од министерот Џафај

0 Shares

Албанската опозиција побара оставка од актуелниот министер за внатрешни работи, Фармир Џафај, поради тоа што не презел активности за екстрадиција на брат му Агрон Џафај, осуден на 7 години затвор во Италија поради шверц со дрога.

Лидерот на Демократската партија, Лулзим Баша, изјави дека премиерот Еди Рама мора да побара оставка од неговиот министер за внатрешни работи, во спротивно утре ќе има протести на опозицијата во Тирана. Некои од албанските медиуми денеска објавија информација дека ако министерот Џафај не поднесе оставка, тогаш покрај протестите в четврток, опозицијата ќе ја блокира и работата на собранието.

Опозицијата објави аудиоматријали во кои братот на министерот Агрон Џафај контактира телефонски со свој соработник за пренесување дрога. Денеска во седиштето на Демократската партија пристигнаа и претставници на Јавното обвинителство, кои ги бараат аудиоснимките што беа објавени во седиштето на ДПА.

Духовниот лидер на десницата во Албанија, Сали Бериша, изјави дека целото семејство Џафај е вклучено во голем шверц со дрога и додаде дека има уште необјавени аудиоснимки кои, според него, говорат за директна вмешаност на семејството во шверцот со марихуана во Албанија.

К. М.

(Makfax)

0 Shares