Протести и судири со полицијата во Тирана

Неколку илјади приврзаници на албанската опозиција денеска протестираат пред Министерството за внатрешни работи во Тирана барајќи оставка од актуелниот министер Фатмир Џафај.

Протестите започнале мирно, но набргу по фрлањето јајца врз објектот на Министерството, тензиите се зголемиле и дошло до судири на протестантите со полицијата. Тензиите се зголемиле во моментот кога медиумите објавиле дека премиерот Еди Рама изјавил оти нема да бара оставка на министерот Џафај.

Во меѓувреме, денеска, братот на министерот, Агрон Џафај, кој бил осуден на 7 години затвор во Италија поради шверц со дрога, со своето семејство од Албанија пристигнал во Италија со цел да им се предаде на италијанските власти.

K. M.(Makfax)