Заев побара поддршка од Естонија и Белгија во пресрет на јунскиот самит на Европскиот совет на ЕУ

Средба на Заев со колегите од Естонија и Белгија: Лидерството и реформски определената Влада ја донесе неусловената препорака и направи чекор повеќе на патот кон евро-атлантските интеграции

Премиерот Зоран Заев денеска, во придружба на заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи и на министерот за надворешни работи Никола Димитров, непосредно пред почетокот на официјалниот работен ден на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија, се сретна со премиерот на Естонија, Јури Ратас и со белгискиот премиер, Шарл Мишел.

На средбата со Ратас беше изразено задоволство од односите меѓу двете земји, и подготвеност да се создадат услови за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво за зајаканување на билатералните односи. Заев ги истакна искуствата на Естонија во однос на дигитализацијата на јавните услуги за граѓаните, и изрази надеж дека Естонија ќе помогне овие искуства да се применат и во дигитализацијата на работата на јавната администрација во земјава.

На средбата со премиерот на Кралството Белгија, Шарл Мишел, двајцата соговорници заеднички констатираа дека лидерството и реформски определената Влада ја донесоа неусловената препорака на Европската Комисија за старт на преговорите со ЕУ, и со тоа е постигнат чекор повеќе на патот кон евро-атлантските интеграции. Премиерот Заев го информираше неговиот белгиски колега дека реформите во Република Македонија продолжуваат со засилено темпо, и дека очекува тоа да биде препознаено од ЕУ и од секоја земја членка и да се преточи во нова остварена одредница со утврдување на датум за почеток на преговорите кој се очекува како одлука на Советот на ЕУ во јуни.

На двете средби, со естонскиот и со белгискиот премиер, Заев ги запозна своите колеги со актуелниот политички миг во земјата и за текот на разговорите за прашањето со проблемот што Република Грција го има со уставното име на нашата земја. Премиерот Заев побара поддршка од Естонија и Кралството Белгија во пресрет на јунскиот самит на Европскиот совет на ЕУ, и истакна дека очекуваниот датум за преговори за Република Македонија ќе превенира стагнирање на реформите и на економските процеси, како и интензивирање на национализмот и ќе го поттикне инволвирањето на трети страни во регионот.

Премиерите на Естонија и на Белгија изразија надеж дека во претстојниот период Република Македонија ќе добие конктретна поддршка за постигнатите остварувања на патот до членството во ЕУ и НАТО.

Во тренд…