Заев пречекан од Борисов на самитот на ЕУ во Софија

Премиерот Зоран Заев учествува во работата на самитот на ЕУ за Западен Балкан, кој се одржува во Софија, Република Бугарија, која како претседавач со Европскиот совет во првата половина од оваа година е домаќин на шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската Унија и на нивните колеги од регионот на Западен Балкан.

Во официјалниот дел од програмата премиерот Зоран Заев денеска беше пречекан од страна на премиерот на бугарската влада, Бојко Борисов, по што учествуваше во сесијата на отворањето на самитот на ЕУ за Западен Балкан, со кој претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во име на ЕУ заедно со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Премиерот Заев ќе учествува во работната пленарна сесија на тема „Поврзување“, а за време на работниот ручек на шефовите на влади и држави со највисоките претставници на телата на Европската Унија е планирано да има свое обраќање на тема „Заедничко справување со заканите“.

Во рамките на својата агенда премиерот Заев денеска е предвидено да оствари средба со канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел, како и со премиерот на Холандија, Марк Руте, како и со премиерите на Австрија и Шведска, Себастијан Курц и Стефан Лофвен.

Лидерите на земјите учеснички на самитот на ЕУ за Западен Балкан се очекува да ја усвојат софиската декларацијата за Запеден Балкан на ЕУ, како и софиската агенда на приоритети, која содржи конкретни проекти што ќе бидат поддржани од ЕУ за да се исполнат зацртаните цели од декларацијата насочени кон зајакнување на владеењето на правото и демократските институции во земјите на Западен Балкан, борбата против организираниот криминал, доброто владеење и почитувањето на правата на малцинските заедници, како и зајакнување на економските врски меѓу земјите од регионот и на регионот со ЕУ.