Партијата за движење на Турците бара една изборна единица без цензус

Од Партијата за движење на Турците (ТХП) порачаа дека на следните парламентарни избори треба да се случи суштинска промена на изборниот модел и конечно целата територија на Република Македонија да биде една изборна единица, и тоа без цензус.

„Само на тој начин големите партии ќе покажат вистинска волја за плурализам и демократичност. Со ваквата реформа на Изборниот законик, конечно, и помалите партии што имаат квалитетна програма ќе добијат шанса да освојат место во Собранието на Република Македонија. Со овој изборен модел не само граѓаните од турската етничка заедница туку сите помалобројни етнички заедници ќе имаат зголемени шанси за парламентарно претставување, кое е особено важно за негување на мултикултурниот карактер на Република Македонија. Единствено, преку ваков пристап може да докажеме дека како општество сме зрели и искрено ја поддржуваме идејата на општество на еднакви можности“, се наведува во соопштението од Партијата за движење на Турците.