Анѓушев: Приоритет на Владата е „Југохром“ да се рестартира, ќе направиме напори за заем за филтри

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, оствари средба со претставници на менаџментот и синдикалната организација на Југохром Алшар и со претставници на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство на која се дискутираше со предизвиците кои ги има овој комбинат во процесот изградба на систем за отпрашување за добивање на интегрирана А-еколошка дозвола за работа.

Вицепремиерот истакна дека во интерес на граѓаните на Полошкиот Регион, но и за економијата на земјава е овој комбинат да функционира, а притоа да ги исполни сите еколошки стандарди. Тој потенцираше дека изградбата на систем за отпрашување е предуслов за рестартирање на комбинатот, за повисоко ниво на заштита на животната средина и заштита на здравјето на граѓаните кои живеат во околината.

На состанокот од страна на менаџментот е презентирано дека поради финансиски проблеми на сопственикот, процесот за изградба на систем за отпрашување се одвива со забавена динамика, поради што побараа поддршка од Владата.

Вицепремиерот посочи дека Владата преку механизмите кои ѝ стојат на располагање, односно преку инструменти на Македонската банка за поддршка на развојот, во рамките на своите надлежности ќе направи напори да се обезбедат средства, во форма на заем за „Југохром“, со кој ќе се продолжи проектот за изградба на системот за отпрашување, комбинатот ќе се рестартира и работниците ќе почнат да работат и да земаат плата.

Соговорниците се согласија дека во интерес на работниците и економијата е комбинатот да започне со работа, како и дека повторното почнување со работа треба да биде во согласност со позитивните законски прописи за заштита на животната средина со што ќе се овозможи одржливост и непречено функционирање на комбинатот.

Во октомври 2017 година Владата, синдикатот и менаџментот на Југохром потпишаа меморандум со кој секоја од страните се обврза да ги изврши сопствените задачи во најкраток можен рок. Владата се обврза дека по завршување на системот за отпрашување, комбинатот ќе добие интегрирана А– еколошка дозвола со која ќе се овозможи рестартирање на печките 7 и 8.

Во тренд…