Град Скопје има пари за уште 300 барања за субвенции за велосипеди

Град Скопје денеска информира дека според предвидените финансиски средства за субвенции за купување велосипед, во моментов преостануваат средства за уште околу 300 барања.
Од Градот исто така објаснуваат дека од објавениот Јавен повик (на 21 април годинава) до денеска се поднесени 2.860 барања за субвенции за купување велосипед, што говори за голем интерес на граѓаните за добивање средства за надоместок на дел од трошоците.
Инаку, средствата што се субвенционираат се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, како и 50% од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
За субвенционирање на граѓаните за набавка на велосипеди во буџетот на Град Скопје за 2018 година се предвидени 10 милиони денари, од кои 9 милиони денари се предвидени за субвенции за велосипеди, додека еден милион денари за адаптирани велосипеди за лица со телесна инвалидност.
Јавниот повик се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“. Субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на Градот Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: истото е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух.
Правилникот за користење финансиски средства од буџетот на Град Скопје за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди за 2018 година е достапен на следниов линк.