Отворена нова сезонска линија од Охрид до Варшава

Првиот лет од Варшава пристигна на 4 јуни во 16:20 часот на oхридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, во организација на полскиот тур-оператор „Рејнбоу“, опериран од страна на авиокомпанијата „Ентер Ер“.

Новите сезонски летови Варшава-Охрид-Варшава ќе се одвиваат секој понеделник за време на летната сезона до 21 септември. Авионите од моделот Боинг 737-800 ќе пристигнат од Варшава на аеродромот во Охрид со почеток во 16:20 часот и ќе заминат за полскиот главен град во 18:30 часот.

Минатото лето беше отворена линијата Катовице-Охрид. Сезонските летови од Варшава треба да донесат околу 3.000 патници на аеродромот во Охрид, додека заедно со летовите од Катовице, организирани од „Рего бис“ и „Смол Планет Ерлајнс“, се очекува да слетаат вкупно 9.000 патници од Полска на охридскиот аеродром, во текот на летото 2018 година.

„Рејнбоу“ е еден од двата најголеми полски тур-оператори и соработува со полската чартер авиокомпанија „Ентер ер“.

Со овие 4 нови сезонски летови отворени во 2018 година, и постоечките кон Амстердам, Брисел, Тел Авив и Катовице, аеродромот во Охрид има 8 сезонски дестинации за време на летната сезона и 3 редовни рути во текот на годината – Базел, Цирих и Лондон. Од ноември 2018 година, „Виз ер“ќе воведе нова редовна авиолинија од Охрид до Виена, која ќе функционира во текот на целата година.

Во тренд…