(Видео) Помалку донации, повеќе пари од буџетот за партиите

Да се намалат донациите од физичките и приватните лица, а да се зголемат надоместоците од буџетот, ова е еден од предлозите на маса пред работната група што работи на измени на Законот за финансирање на политичките партии.

Од СДСМ велат дека тие се „за“ и дополнително бараат начин податоците за финанасирањето да бидат достапни и транспарентни за јавноста. Од ВМРО-ДПМНЕ молчат, а од ДУИ велат дека партиите се согласни за ново законско решение, но дека има разлики во методолгијата.

Антикорупцинерите предупредуваат – не е важно само носењето на законот, туку неговото спроведување. Укажуваат на низа незаконитости во финансирањето кои со години не се санкционираат.

Последни во низата скандали со донациите се последните извештаи на партиите доставени до Државниот завод за ревизија.

Па, така, во извештајот на ДУИ како донатори се појавија „Македонска пошта“, Општина Липково, Дирекцијата за заштита и спасување, „Македонски железници“ и ПИОМ. Од партијата се правдаа дека донациите не се од државните институции, туку од вработените кои се функционери на ДУИ и членарината ја плаќале со траен налог од 5 отсто од платата.

Сомнителни се донациите и кај ВМРО-ДПМНЕ, која за една година успеала да обезбеди 908.000 евра. Во еден ден на сметката на партијата стигнувале и по повеќе од 600 илјади денари од еден ист донатор.

СДСМ, пак, успеал да собере 34 илјади евра за 2017 година, а најголемата донација е во износ од 100 илјади денари.

Помалите партии најчесто не успеваат да соберат донации, па и тие реагираат дека треба да се зголеми државното финансирање, кое сега според нив е на незадоволително ниво. Тие стравуваат дека големите политички субјекти ќе ги изиграат и законските измени ќе ги направат единствено во своја корист.

Аргументите што одат во прилог на јавното финансирање се дека се поттикнува поголема демократија и дека државните пари ја намалуваат потребата од контрауслуга за тие што најмногу донирале, a се намалува и можноста за корупција.

(Makfax)