Вработете се на “државна сметка”: Овој оглас нуди висока плата, но никако не смеете да имате партиска книшка

Оглас за нови членови на Државната изборна комисија (ДИК) за следните шест месеци е објавен денеска во весниците. Станува збор за привремен состав на Комисијата бидејќи до есен се очекува да биде изготвено новото изборно законодавство, со кое ќе биде опфатен и составот на ДИК.

Собранието вчера ја достави до „Службен весник“ одлуката за распишување на огласот, која се однесува на избор на претседател, заменик-претседател и петмина членови на Комисијата. Огласот трае осум дена од денот на објавување во „Службен весник“. По завршувањето на огласот, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата треба да подготви предлог-листа.

Претседателот на Собранието ги известува партиите што освоиле најмногу гласови на последните избори во рок од три дена од денот на приемот на известувањето да му достават предлог за членови на ДИК. Претседателот на привремениот состав и двајца членови на ДИК ќе треба да го делегира опозицијата, а партиите на власт да предложат потпретседател и тројца членови.

Членовите на ДИК ќе ги избира Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници. Членовите на ДИК треба да се државјани на Република Македонија со постојано место на живеење во земјата, да имаат завршено високо образование со најмалку осум години работно искуство и да не се членови на орган на политичка партија. На избраните претседател, потпретседател и членови на Комисијата од денот на изборот работниот однос ќе им мирува.

Освен за избори, Државната изборна комисија е надлежна и за организирање референдуми и јавни изјаснувања, а клучна е исто така за мандатите на пратениците, градоначалниците и советниците во локалните самоуправи. Членовите на последниот состав на ДИК поднесоа оставки, со исклучок на претставничката на Беса, кога во јавноста беше обелоденето дека зеле големи надоместоци.