Дефинирани областите од земјоделството што ќе се финансираат со 15 милиони евра од ИПА

За финансирање на земјоделството, Македонија преку Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија (ИПА 2019) ќе добие 15 милиони евра, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Во овој контекст, секторската работна група, во која членуваат претставници од МЗШВ, од Делегацијата на ЕУ, од надлежните институции во секторот земјоделство, странски донатори и невладини организации, вчера ги дефинира приоритетните области што финансиски ќе се поддржат со овие 15 милиони евра.

Првпат финансиска поддршка од ИПА 2019 ќе добие секторот шумарство во насока на воспоставување шумарски информативен систем, кој ќе биде важна компонента за одржливо стопанисување со шумите, за креирање на политиките за приближување на македонското шумарство кон современите текови и обезбедување податоци што се важни за развојот на овој сектор.

Продолжува поддршката за инвестиции во мали системи за наводнување со речиси дополнителни 3,5 милиони евра. Преку ИПА 2013 во тек е изработка на 8 физибилити-студии, од кои три ќе бидат финансирани преку ИПА 2015 за кои се обезбедени 3 милиони евра, со кои до септември ќе се подготват три физибилити-студии за мали системи за наводнување по што ќе започне процедурата за изградба.

Исто така, со ИПА 2019 е предвидено финансирање на процесот на консолидација на земјоделското земјиште за што се планирани околу 500 илјади евра.

Со ИПА 2019 продолжува финансиската поддршка за земјоделските задруги, како еден од моделите за окрупнување на македонското земјоделство и приближување до европските стандарди.

Со цел навремено информирање на земјоделците и давање совети што им се потребни, со расположливите средства од ИПА 2019 ќе се поддржат советодавните услужни дејности во насока на создавање европски модел за советодавни услуги за земјоделците.

Со проектираната сума од ИПА 2019 предвидена е финансиска поддршка за воспоставување систем за нуспроизводи од животинско потекло, што е важно за контрола на болестите на животните.

Како што информираат од Министерството, со приближно 1,5 милион евра ќе се финансираат фитополитиките во насока на подобра поврзаност со сите други системи во секорот земјоделство, како и за модернизирање на ГЕМ-банката за автохтони сорти во Република Македонија.

Од Делегацијата на Европската Унија посочиле дека се залагаат за финансирање проекти во помалкуразвиените региони, како Југозападниот, Североисточниот и Полошкиот Регион. На состанокот биле разгледани и тековните проекти финансирани од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ.

Во тренд…