Грција се пофали со нова туристичка атракција: Отворена палатата на Филип Втори

Палатата на македонскиот крал Филип II, таткото на Александар Велики, денеска е и официјално отворена за посетителите на Солун, пренесоа грчките медиуми.

Посетителите на палатата ги поздрави археологот Ангелика Котариди, која изјавила дека палатата никогаш не била резиденција, туку се користела како политички, верски, судски и воен симбол на владеењето на Филип, за кого во тоа време се верувало дека има божествено потекло.

Според нејзините зборови, палатата служела како политичка агора или место за собирање на граѓаните, каде што тие јаделе, пиеле и разговарале.

Палатата е три пати поголема од познатиот грчки Партенон. Таа била изградена во периодот од 350 до 340 година п.н.е.

Котариди била дел од тимот на професорот Маноли Андроникос, кој почнал да истражува околу палатата во градот Вергина, на 80 километри од Солун, во 1977 година, при што била откриена и кралската гробница.