Хаотичен крај на самитот Г7, Трамп ја повлече поддршката на заедничката лидерска изјава

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ја повлекува американската поддршка на заедничкото соопштение на лидерите на Г7 и повторно се закани со нови царини на увозот на автомобили, со што укажа на можност за ново влошување на трговските односи меѓу најразвиените земји во светот.

Претходно, лидерите на земјите од групата Г7 изјавија дека и покрај тензиите меѓу седумте држави, поради одлуката на САД да воведе тарифи на челикот и алуминиумот, сепак се сложиле на заеднички текст за трговија. Меѓутоа, по ова следуваше брза реакција на претседателот на САД.

„Побарав од американските застапници да не ја поддржат изјавата која ја донесе групата Г7“, објави Трамп на Твитер во моментите кога ја напушташе Канада. Трамп објасни дека на таквата одлука го натерале најавите на канадскиот премиер, Џастин Трудо, за воведување контрамерки на американските царини за увоз на челик и алуминиум. Тој на Твитер напиша дека го испровоцирале изјавите на Трудо оти американските царини се навреда за Канаѓаните кои нема да дозволат некој да им врши притисок.

„Многу нечесно и слабо. Нашите царини се одговор на тарифата од 270 отсто на американските млечни производи“, напиша Трамп.

Веднаш реагираа и од канцеларијата на канадскиот премиер.

„Премиерот Трудо не кажа ништо ново на затворањето на самитот, од тоа што беше речено јавно и во директните разговори со американскиот претседател”, се вели во соопштението од канцеларијата на Трудо. Во Квебек вчера вечер заврши самитот на седумте најразвиени земји на светот, група во која покрај САД и Канада, учествуваат и Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Јапонија.