Путин на кинескиот претседател му подарил руска сауна

Рускиот претседател, Владимир Путин, кој во моментов е во посета на Кина, на кинескиот претседател му подготвил неочекуван и сосема оригинален подарок – руска сауна. Путин и Си Џинпинг подароците си ги размениле во петокот навечер, пренесе агенцијата „Тасс“.

„Да, тоа е точно“, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, како одговор на прашањето дали е вистина дека подарокот на Путин за Си е дрвена сауна. Како што појасни Песков, кинеската страна ќе одбере место на кое руските експерти ќе ја монтираат сауната.

Сауната ќе биде направена од сибирски кедар стар 200 години, со потекло од Алтајските планини.

За време на размената на подароците, на кинескиот претседател му била покажана скица од сауната и парче од дрвото од кое ќе биде изградена истата.

Руската агенција не наведува каков подарок добил Путин од неговиот кинески колега. Инаку, во пресрет на посетата на Кина, Путин не сакаше да открие каков подарок подготвил за Џинпинг.