Двајца обвинети признаа вина за насилство врз Села

Обвинетите Цејо Георгиевски и Стојан Павлевски признаа вина за насилство за настаните во Собранието на 27 април, поточно за напад врз пратеникот Зијадин Села.

„Признавам вина, по снимките, не можам да кажам дека не сум виновен. Се случи тоа во нервоза, агресија…“, рече Павлевски на денешното судско рочиште.

За двајцата обвинети, делото обид за убиство, претходно, беше преквалификувано во насилство. Обвинитело, Дарко Јакимовски на минатото рочиште рече дека утврдиле нови елементи и предложи обвинителниот акт да биде изменет. Судискиот совет донесе решение да ја укине мерката притвор против нив двајца и определи мерка за претпазливост, задолжително пријавување во судот и да им бидат одземени пасошите.

Ним ќе им се суди во посебна постапка одвоена од другите седуммина обвинети за обид за убиство врз пратеникот Села.

На претходното рочиште за овој случај беше повлечено и обвинението против Сашо Сенков, а за Александар Јаневски – Тошта, еден од обвинетите за обид за убиство, кој тогаш се онесвести во судот, Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 одобри мерката притвор да се замени со поблага мерка – куќен притвор.