„Најмалку што може да му направиме на Фијат е барок”, СМС-порака од Груевски до Јанакиески

Пред судот во предметот ТНТ беа извадени и 56 СМС-пораки разменети меѓу Никола Груевски, Миле Јанакиески, една меѓу Силвана Бонева и Груевски, пораки што Фијат му ги пратил на Груевски, порака од Груевски до Драган Павловиќ – Латас…

Во СМС-комуникацијата меѓу Груевски и Јанакиески од 31 јули 2011 година експремиерот му нарачал на поранешниот министер за транспорт и врски да му праќаат фотографии од уривањето. Јанакиески за Фијат во една порака пред уривањето вели: „Ова за него е борба за живот или смрт“. На тоа Груевски му одговара: „И за нас е истото“. Груевски сакал уривањето да биде точно во недела, на што Јанакиески му пишува дека најрано што може да биде е понеделник. Кога завршило уривањето, поранешниот министер преку СМС-порака го известил Груевски дека големиот објект не бил паднат како што треба: „Визуелниот ефект не е како што очекувавме. Имав состанок со минерите и пак побарав минирање“, му напишал Јанакиески на Груевски.

Експремиерот Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски се допишувале и за промена на детаљните урбанистички планови, а потоа и на генералните. Во нивната комуникација стои дека треба да се најде елегантно решение за ова прашање: „Да му ги наплатиме комуналиите, па да го поништиме ГУП-от“, напишал Јанакиески. Груевски на тоа одговорил со порака: „Најмалку што може е да му направиме во барокен стил“. Причината за тоа, според Груевски, е затоа што телевизијата „А1“ била заинтересирана да го истражува барокот.

Поранешниот премиер Груевски презентираните СМС-пораки ги нарече ѓубре.

„Ова што го има СЈО не се докази, туку ѓубре“, му рече тој на судијата Ставрев и бараше да не бидат изведени како докази во судската постапка.

Судот закажа следно рочиште на 3 јули. Случајот ТНТ на специјалното јавно обвинителство се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Меѓу обвинетите за уривањето на „Космос“ се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.