Најскапо кафе во Доха, најевтино во Лагос

Задоволството да се напиете шолја кафе во кафуле најскапо ќе ве чини во Доха – 5,47 евра, а најевтино кафе може да се најде во Лагос по цена од 53 центи. Ова го покажува истражувањето на швајцарската инвестициска банка УБС.

Во истражувањето се анкетирани локални експерти за тоа колку чини да се напиете шолја кафе во кафуле што најчесто е посетувано. Споредбата е правена меѓу шолји црно кафе, без млеко и шеќер.

Во Доха во просек треба да се издвојат 5,47 евра за само една шолја кафе. Копенхаген е на второто место на листата каде што ваквото задоволство чини 4,98 евра. Во Дубаи за црната течност треба да се плати 4,87 евра, а во Цирих – 4,26 евра. Потоа следуваат Шангај, каде што кафето чини 3,93 евра, Пекинг – 3,78 евра, Виена – 3,71 евра и Москва – 3,67 евра. Малку поевтино е кафето во Њујорк – 2,67 евра.

Поповолни цени има во Њу Делхи, каде што кафе може да се напиете за 1,3 евро, Сао Пауло – 1,28 евро, Јоханесбург – 1,27 евро, Истанбул – 1,2 евро, Каиро – 1,15 евро и Милано 1,14 евро. Најповолни се цените на кафето во Мумбај – 90 центи, Рим – 85 центи и во Лисабон – 63 центи.