Ние не сме фашисти, ама не ги сакаме тие деца овде, порачаа жителите на селото Тимјаник

Ниту по едночасновната дебата на средсело, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, не успеа да ги убеди жителите на неготинското село Тимјаник, малиот објект да биде претворен во дом за деца со посебни потреби. Тие се правдаа дека не прифаќаат, бидејќи, како што рекоа, тоа треба да биде градинка за нивните деца, но сепак, кога министерката им понуди дека на друга локација ќе им изгради градинка, жителите инсистираа градинката да биде токму на тоа место.

Жителите беа навредени поради тоа што по социјалните мрежи ги нарекувале фашисти поради нивниот однос, иако на крајот признаа дека не ги сакаат децата во селото.

„Ќе ни ги разболат и нашите деца, ќе маваат по нив со камења“, велат жителите и покрај образложувањето на Царовска дека децата со посебни потреби се неподвижни и не можат никого да повредат.

Конкретно станува збор за 3 деца со посебни потреби. Претставник на жителите на селото понуди еден хектар од неговото лозје, надвор од селото за таму да бидат смесетени овие 3 деца со посебни потреби само за да не бидат во селото. На ова министерката му одговори дека поентата е во нивната социјализација и потребата да бидат како и сите деца во селото.

Царовска им даде рок од една недела на жителите на Тимјаник да размислат и да се преиспитаат за нивната одлука која што остана цврста и покрај обраќањето на претставничката од ОН, Луиза Витон и претставникот од УНИЦЕФ чие обраќање беше проследено со вулгарно и недолично довикување од типот „ако дојдам ќе ти ја сокапам муцката“.

Исто така, жителите се заканија дека нема да ги пуштат своите деца во училиште доколку Министерството за труд и социјална политика се одлучи овој објект да биде дом за 3 деца со посебни потреби кои треба да се преместат од Демир Капија.

Виктор Јованов (Makfax)