Османи: Преминот меѓу Македонија и Косово има големо значење за севкупната трговска и економска соработка

Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска присуствуваше на церемонијата на поставување на камен темелник за изградба на заедничкиот премин меѓу Република Македонија и Република Косово – „Белановце – Станчиќ”, при што .. посочи на значењето што овој проект го има и за локалното население од општините Липково во Македонија, како и Гнилане на Косово, но и за локалното население кое гравитира околу овие општини и околу овој регион.

„Преку овој проект ќе им се олесни меѓусебната комуникацијата на граѓаните на овие и соседните општини, што, пак, претставува и основен предуслов за зголемување на трговската размена и економската соработка меѓу овие региони, потенцијал за развој на бизнисот, за економски напредок итн., со што овој проект, покрај локалното значење, претставува важна придобивка и за унапредување на севкупната трговска и економската соработка меѓу двете земји“ истакна Османи.

Османи го нагласи и значењето што овој проект го има и за Албанците од двете страни на границата, чија потреба за полесна и поедноставна комуникација со своите сонародници, роднини и пријатели од различната страна на границата, со изградбата на овој граничен премин, значително се подобрува.

Вицепремиерот ги спомена и останатите проекти за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Косово, финансирањето од Европската Унија, каде во тек се проекти од неколку милиони евра, посочувајќи притоа дека за наредниот период, на располагање се ставени преку осум милиони евра, за кои ќе се аплицира со проекти сè до 2020 година.

На поставувањето камен – темелник на граничниот премин Белановце – Станчиќ, покрај Вицепремиерите на Македонија и Косово, Бујар Османи и Енвер Хоџај, присуствуваа и евроамбасадорите во Македонија и Косово, Самуел Жбогар и Наталија Апостолова, бројни министри од Владите на двете земји, како и градоначалниците на локалните општини од двет земји.