Иванов: Несериозно и неодговорно е спорот за името да се решава преку телефон

Претседателот Ѓорге Иванов оценува дека вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев, дадена во емисијата „Топ-тема“, дека евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО и ќе ги зголеми внатрешните опасности, претставува очаен обид за манипулација на јавноста и наведување на македонските граѓани во пресрет на евентуално референдумско изјаснување, стои во денешното соопштение од претседателскиот кабинет.

„Стратешките определби на Република Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО се јасно дефинирани и непроменети. Зачувувањето на уставното име и изнаоѓањето решение што нема да предизвика уставни промени во никој случај не е насочено против интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и НАТО“, се наведува во соопштението.

Иванов смета дека е несериозно и неодговорно прашањето за името, кое е исклучително важно прашање за граѓаните на Република Македонија, да се решава телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на двете држави.

Како што стои во соопштението, склучувањето меѓународен договор содржан во еден или повеќе поврзани меѓусебни документи треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена.

Во врска со повикот на премиерот Заев за поддршка на евентуалниот договор од страна на сите политички фактори, претседателот Иванов уште еднаш укажува дека е потребен широк национален консензус за изнаоѓање решение што нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните.