РСБСП: Стресот влијае врз способноста и однесувањето на возачите

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот укажа на потребата од внимание при учеството во сообраќајот потенцирајќи дека стресот влијае врз способноста и однесувањето на возачите.

„Живееме во еден брз и динамичен свет во кој најтешко се справуваме со времето и со континуираниот притисок да бидеме добри во она што го правиме, приватно и професионално. Динамичниот начин на живеење најчесто предизвикува дополнителна напнатост и неровоза, односно состојба на стрес. Ваквата состојба значително влијае на нашето однесување во сите сфери на општественото живеење, вклучително и во сообраќајот“, се вели во соопштението на РСБСП.

Републичкиот совет додава дека во ситуации што предизвикуваат стрес или фрустрација секој поединец се однесува поинаку. Тоа однесување може да биде приспособено или неприспособено. Имајќи ги предвид последиците од сообраќајните незгоди, секој учесник во сообраќајот мора да биде максимално фокусиран и одговорен, без разлика на професијата, без разлика на приватните обврски, без разлика на тоа кој е, што работи, со какви лични и професионални проблеми се соочува. Зад воланот, додека управува со возилото, единствена задача на возачот е да се фокусира на возењето.

„Врската меѓу стресот и однесувањето на учесниците во сообраќајот е нераскинлива, а се манифестира на неколку начини, преку опасно и ризично возење: агресивно возење – нервозно и насилно однесување во сообраќајот; расеано возење – дефокусираност и отсуство на возачот при перцепција на состојбите и ризиците во сообраќајот; емотивно возење – ризично однесување на возачот во сообраќајот што во основа значи дека возачот ги доживува случувањата во сообраќајот на посебен, личен и неадекватен начин и го наведува кон донесување погрешни одлуки и дејства во сообраќајот; пијано возење, т.е. возачот е психофизички неспособен и неподготвен да управува со возилото“, појаснува РСБСП и додава дека стресот со кој секојдневно се соочуваат учесниците во сообраќајот влијае на културата, на етиката и на меѓусебната толеранција и почитување меѓу учесниците во сообраќајот.

Најефикасен начин за справување со стресни ситуации е адаптирање кон условите и настанатите ситуации, поголема самодоверба и самоконтрола, концентрација, позитивна мисла и релаксација. РСБСП укажува на потребата од целосна фокусираност во сообраќајот затоа што сообраќајот е сложен и динамичен систем, а сообраќајните незгоди се извор на опасност за животот и здравјето на учесниците во сообраќајот.