Секогаш во средиштето на збиднувањата...

СДСМ “распали” по Иванов

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку соопштение упати остри критики по обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов, нарекувајќи го политичка дивоградба на Никола Груевски и партиска маринета.

„Иванов работи на директна штета на граѓаните, против Македонија и против македонската иднина. Со денешните ставови Иванов самиот потврди дека не е претседател на сите граѓани, туку партиска марионета на ВМРО-ДПМНЕ, политичка дивоградба на Никола Груевски“, се вели во соопштението на СДСМ.

Партијата смета дека Иванов девет години не направил ништо за Македонија и граѓаните, а е присутен само кога треба да легализира децениски криминал, да аболицира криминалци и да штити насилници.

„Иванов молчеше за масовната партизација, за нападот на Собранието на 27 април, молчеше за притисоците кон медиумите, за апсења и затворања на новинари, за газењето на демократијата, човековите права и слободи“, обвини СДСМ.

Понатаму праша ако било можно членството во ЕУ и НАТО без решение на спорот со Грција, зошто во изминтите 9 години Иванов и ВМРО-ДПМНЕ не го постигнале тоа.

„Договорот со кој се става крај на 25 годишниот спор што ја влечеше Македонија наназад го заштитува и зацврстува македонскиот идентитет и обезбедува полноправно членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Обезбедување на македонската иднина и иднината на граѓаните е вистински патриотизам. Тоа е непознат термин за Иванов“, смета СДСМ и додава дека граѓаните мора да го имаат последниот збор на референдум.