Кинезите патентирале телефон без рамки околу екранот

Минатата недела се појавија извештаи за претстојниот телефон од кинеската компанија „Хуавеј“, кој треба да има 6,9-инчен OLED дисплеј. Уредот ќе има рамен екран, а не т.н. edge-to-edge каков што има на актуелната Mate 10 серија.

Прашањето кое многумина го поставуваат е дали ова ќе биде само нов огромен телефон или „Хуавеј“ успеал да најде начин значително да ги намали рамките околу екранот? Сега се појавија фотографии од патент кои можат да објаснат некои од деталите. Имено, на компанијата и е одобрен патент под назив „Уред за мобилни комуникации“. Патентот претставува паметен телефон со правоаголно куќиште и без рамки отстрана.

Инаку, производството на телефони со многу тенки рамки не е можно доколку се користи постојната технологија. Поради оваа причина, инженерите на „Хуавеј“ најдоа алтернатива.

Невообичаена рамка се користи за левата и десната страна на уредот, при што метални ленти се залепени за куќиштето со помош на двострана леплива лента. Ова е направено на исклучително професионален начин кој овозможува уредот да биде водоотпорен и отпорен на прав.

Екранот на допир има вградена структура на врвот и на дното. Како резултат на тоа, екранот е прикачен во внатрешноста на куќиштето и затоа на страните не постои непотребен притисок. Рамката останува прилично тесна и на врвот и на дното на уредот, пренесува „Банчмарк“.

Дали ова може да биде новиот 6,9-инчен „Хуавеј“ телефон, за кои неодамна проструија информации, останува да се види.