БЕГ: Новото претпријатие за топлинска енергија и гас, не значи крај на нашите активности

„Балкан енерџи груп“ (БЕГ) преку соопштение го изнесе својот став во врска со одлуката на Град Скопје за формирање на ново јавно претпријатие за стопанисување со топлинска енергија и гас.

Оттаму истакнуваат дека компаниите во состав на БЕГ се деловни субјекти кои поседуваат важечки лиценци за производство, диструбуција и снабдување со топлинска енергија на територија на градот Скопје.

„Сите наши активности се одвиваат во согласност со законите на Република Македонија и согласно со одредбите на важечките лиценци, па оттука ние продолжуваме со нашите активности за подготовка на новата грејната сезона, во интерес на потрошувачите“, се наведува во соопштението.

Од „Балкан енерџи груп“ истакнуваат дека согласно обврските кои произлегуваат од овие лиценци, издадени според важечката законска регулатива и подзаконските акти, од страна на државната Регулаторна комисија за енергетика, компаниите во состав на БЕГ: Производство на топлина – Балкан енерџи, Дистрибуција на топлина – Балкан Енерџи и БЕГ-Снабдување со топлина, функционираат редовно и согласно на своите деловни и оперативни планови ги реализираат сите планирани зафати, како и непоходните ремонти и подготовки на системот за грејната сезона 2018/2019.