Започна акцијата за реновирање на детското спортско катче во Златен Сремец

Волонтери од Македонија и од другите земји во Европа, претставници на општина Кисела Вода и Агенцијата за млади и спорт, како и вработени во ПОУ „Д-р Златен Сремец“, денеска спроведоа акција за чистење на училишниот двор, со што започна имплементирањето на иницијативата за реновирање на детското спортско катче во објектот.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски, истакна дека локалната самоуправа и во иднина останува отворена за соработка при сите акции и проекти кои имаат за цел да го подобрат животот на жителите во општина Кисела Вода.

„Сакам да испратам апел до граѓаните дека, бидејќи целиот простор на општината е наш заеднички, треба сите подеднакво да се грижиме за него“, нагласи Темелковски.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски посочи дека денешната акција е само почеток на проектот „Би актив“, чија цел е покревање на свеста на сите граѓани дека како професионалниот, така и рекреативниот спорт е важен за сите луѓе.

„Како дел од проектот, во текот на целото лето ќе се спроведуваат спортски манифестации, изложби, трки, фестивали со спортско-рекреативно значење, а од 23 до 30 септември поканети се сите граѓани на Македонија да учествуваат на неделата на спортот“, истакна Каевски.

Директорката на ПОУ „Д-р Златен Сремец“ Марија Делетиќ, информираше дека целата на иницијативата е обезбедување на соодветен простор за спортско рекреативни активности за учениците со попреченост и вклучување на училиштетото во проектните активности на Европската недела на спортот.

„Рекреативниот спорт ги поттикнува децата да ги препознаат своите потенцијали, а во исто време ја поттикнува општествената заедница да биде отворена кон различностите и да ги вклучи децата со попреченост како нејзини рамноправни членови“, објасни Делетик.

Претставниците на Волонтерскиот центар – Скопје, посочија дека на денешната акција учествувале и волонтери од „Аспект“, како и припадници на Европскиот волонтерски сервис, истакнувајќи дека сите чинители во општеството треба да се грижат за околината.