Од почетокот на годинава вложени речиси 70 милиони евра во туризмот во Црна Гора

Во Црна Гора во седум приоритетни проекти од областа на туризмот, од јануари до јуни, вложени се 69,4 милиони евра, наведе Министерството за одржлив развој и туризам во земјата.

Во извештајот што го разгледа владата во земјата се наведува дека поголем дел од проектите што се реализираат во крајбрежниот дел се одвиваат со голема динамика.

По застој од речиси три години, продолжува изградбата на хотелот „Кристал ривиера“ во Петровец, а покренати се и активности за изградба на хотелски комплекс на локација на некогашниот „Плави хоризонт“ во Тиват, се вели во извештајот.

„Кога станува збор за проектните активности финансирани од буџетот, кои се реализираат во северниот дел на Црна Гора, неопходно е да се забрза динамиката за реализација“, е еден од заклучоците во информацијата што ја усвои црногорската влада.

Ширењето на туристичката понуда во северниот дел на Црна Гора почна во 2010 година, а најзначајни инфраструктурни проекти во моментов се одвиваат на просторот на Бјеласица и Комови, за кои се наведува дека ќе бидат носители на развојот на зимскиот туризам во Црна Гора.