ЕУ го предупреди Трамп за последиците од воведување давачки за увоз на автомобили

Европската Унија ја критикуваше администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, поради разгледувањето на можноста за воведување давачки за увоз на автомобили, наведувајќи дека тоа би можело да доведе до возвратни мерки на светско ниво за американските производи во вредност од 300 милијарди долари.

Во писмо од 10 страници испратено до Министерството за трговија, ЕУ смета дека новите царини за европските автомобили и автоделови се неоправдани и би биле економска грешка.

Трамп неколкупати го нападна трговскиот суфицит на Унијата со САД, којшто минатата година изнесуваше 101 милијарда долари, и ги критикуваше земјите членки за нивните царини од 10 отсто за увоз на автомобили во САД, во споредба со контрамерката на САД од 2,5 проценти. Американскиот претседател неодамна на Агенцијата за трговија и` наложи да испита дали царините од 20 отсто треба да се наметнат врз основа на националната безбедност, иако не беше конкретизирано за каква загриженост за безбедноста станува збор.

Европската комисија порача дека ќе ги вложат сите напори, без оглед дали тоа би било на техничко или политичко ниво, за да ги спречат САД да наметнат повисоки царини. Претседателот на Комисијата, Жан Клод Јункер, подоцна месецов ќе го посети Вашингтон во обид да ја убеди актуелната администрација да ги поддржи зголемените царини за европските возила.

Европа минатата година во САД испрати автомобили во вредност од 43,6 милијарди долари, споредено со 7,1 милијарда – возила коишто САД ги испратиле во Европа. Дополнително, Унијата вели дека европските компании произвеле речиси 2,9 милиони автомобили во САД, директно поддржувајќи 120 000 работни места во земјата, или 420 000 места, ако се вклучат дилери и продавачи на автоделови. Спорот околу царините за автомобили меѓу САД и ЕУ доаѓа во време кога Трамп има разлики со Европската Унија, Кина и Канада поради неговото наметнување на нови давачки за увоз на челик и алуминиум во САД.