Македонија влегува во економски залет: Фрчат нови инвестиции

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на два настани во Прилеп, изградба и пуштање во употреба на два крупни капитални проекти. Се работи за изградба на ИКТ Центар за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет во работата и пуштање во употреба на Пречистителна станица за третман на отпадни води во Прилеп, проекти финансирани со средства од ИПА и Буџетот на Република Македонија.

Најголем дел од средствата за изградба на овие два инфраструктурни проекти се обезбедени од ИПА фондови како и дел од буџетските средства на Министерството за внатрешни работи и Општина Прилеп.

„Центарот ќе претставува back up (резервна база) за клучните, витални информациски системи во земјава, односно ќе гарантира дека тие ќе функционираат доколку од какви било причини биде загрозена работата на примарниот информатички систем. Од денеска Прилеп може да се пофали со уште еден значаен инфраструктурен објект, еден од најголемите од овој тип“ порача Заев.

Пречистителната станица во Прилеп ќе ти третира и прочистува отпадните и канализационите води, со можност од нив да се произведува биогас, а пречистената вода ќе се враќа во градската река.

„На овој начин ја заштитуваме и ја унапредуваме животната средина и здравјето на нашите граѓани. Граѓаните на Прилеп ќе можат да конзумираат чиста храна, наводнувана со чиста вода. До сега во функција се пуштени пречистителни станици во Струмица и во Кичево, а следува и во Радовиш. А следува изградба на вакви станици во Битола и Тетово, повторно во заедничка соработка со ЕУ. Се планира и изградба на пречистителни станици и во Штип и во Велес, Кочани и многу други градови. Остануваме посветени на реализација и изградба на капитални проекти“ рече премиерот Заев.

Според Заев, само со заеднички ангажман, со посветеност на институциите и преку соработка со граѓаните, но секако со помош и поддршка од Европската Унија, можеме да ги достигнеме европските стандарди и побрзо да ја изградиме Македонија во држава според европски правила.