ФЕНИ – уникатен пример за успешна и ефикасна стечајна постапка

На вчерашното стечајно рочиште во Основниот Суд во Велес, собранието на доверители го изгласа планот за организација за ФЕНИ Индустри. Ваквата одлука значи излез од стечајот за компанијата, а се постави нов репер дека успешен стечаен процес е возможен. Токму кавадаречкиот производител на фероникел е најдобриот пример во земјава за затворање на стечајна постапка со позитивен исход.

Случајот на ФЕНИ Индустри се издвојува како посебен врз база на повеќе индикатори. Сите доверители во стечајната постапка се исплатени во целост, сите работници се задржани на нивните работни места, фабриката продолжи да функционира како целина и со одлуката за распишување на меѓународен оглас за закуп на ФЕНИ и рестартирање на производството пред завршување на стечајната постапка, се постави нов пример за тоа како со стечајот може и треба да се управува. Токму овој потег, придонесе од одржување на технолошкиот минимум да се прогресира во оперативен модус, а со тоа фабриката веќе четири месеци работи со полн капацитет, воспоставува партнерски договори, добива нарачки за странски пазари, а со зголемување на производниот капацитет, го зголеми и извозот, со директен учинок врз растот на индустриското производство на национално ниво.

За успешниот пат на ФЕНИ надвор од стечајот, свое мислење има и Синдикатот на индустријата, енергетика и рударство.

„Од името на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија можам да изразам задоволство по усвојувањето на планот за реорганизација за Фени Индустри. Синдикатот беше против решавањето на случајот преку стечај, пред сè имајќи го предвид интересот на вработените, како и негативните искуства во сите стечајни постапки кои биле спроведувани над претпријатија со членови на СИЕР. Сепак, со оглед дека во Фени индустри за цело време на стечајната постапка беа ангажирани сите работници, се настојуваше постапката да се заврши колку може побрзо и на крајот заврши со план за реорганизација кој гарантира ангажман на сите вработени а не со најнепопуларната ликвидација и впаричување на имотот, ние сметаме дека се зачувани правата на работниците, а најважно е да се продолжи со работа и тоа под услови не полоши, туку подобри од претходните, што значи договори на неопределено време за постојните вработени и договорени повисоки плати и други примања“, Маре Анчева, Генерален секретар на СИЕР.

Значењето на ФЕНИ и патот надвор од стечајот е позитивен пример и за надворешната деловна јавност. Случајот со кавадаречкиот производител на фероникел, своевремено високо рангиран на европските и светските пазари, испраќа позитивен сигнал до меѓународната бизнис заедница дека Македонија е атрактивна дестинација за инвестирање. Начинот на којшто е водена стечајната постапка покажа дека земјата има ефикасна администрација, независен судски систем и стабилно законодавство и регулаторен систем. Сето тоа е на врвот на основни барања и приоритетна листа на секој инвеститор кој е во потрага по нови инвестициски можности и поволна бизнис клима.

ФЕНИ отиде во стечај со долг од 67 милиони евра и повеќе од 250 кредитори чии побарувања останаа неплатени. Во текот на стечајната постапка, преку оглас за користење на производните капацитети, фабриката повторно започна со работа. Заинтересираните инвеститори имаа можност да ги откупат долговите на ФЕНИ, а тоа го стори швајцарски ГСОЛ кој на таков начин стана најголем доверител на кавадаречката компанија, а по вчерашната одлука на собранието на доверители и идниот сопственик.
Стечајната постапка ја водеше стечајниот управник Мирослав Анастасиевски, судијата Валентина Ѓорѓиевска, а во надлежност на Основниот Суд во Велес.