Објавен повик за 53 социјални станови во Кочани и во Македонски Брод

Министерството за транспорт и врски го објави јавниот повик за распределба на 53 социјални станови во Кочани и Македонски Брод, од кои 43 во Кочани и 10 во Македонски Брод.

Јавниот оглас е објавен денеска во печатените медиуми, како и на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски и ќе трае до 6 август.

На огласот можат да се пријават седум категории социјалано ранливи категории на граѓани, и тоа: деца без родители или родителска грижа – лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители, корисници на социјална или постојана парична помош, лица погодени од елементарни природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта, инвалидни лица и лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице и семејства со инвалидизирани лица, лица припадници на ромската заедница социјално загрозени согласно со Стратегијата за ромите на Република Македонија, самохрани родители со малолетни деца и слепи лица корисници на социјална или постојана парична помош.

Се работи за распределба на 43 станови во општината Кочани во станбена зграда на улица Ѓорче Петров број на зграда 2, како и 10 станови во општината Македонски брод во станбена зграда на улица Партизанска број на зграда 1, изградени по програмата за изградба и одржување станови во сопственост на Република Македонија.

Потребната документација лицата ќе можат да ја поднесуваат во меѓуопштинските центри за социјална работа во општината за каде се однесува огласот, односно во Центарот за социјална работа во Кочани, односно Македонски Брод. За лицата кои не се во можност сами да ја комплетираат потребната документација, меѓуопштинските центри за социјални работи во Кочани и Македонски брод ќе ја обезбедат потребната помош за обезбедување на целокупната потребна документација согласно со објавениот оглас.

Подносителот на барањето за добивање социјален стан може да поднесе документација и да аплицира само за една од седумте категории корисници на социјални станови. Предност при добивањето стан ќе имаат децата без родители или родителска грижа – лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители.