(Видео) Трповски: ЕЛЕМ продаде вишок електрична енергија за над 2 милиони евра

0 Shares

Акционерското друштво „Електрани на Македонија“ на 4 јули продаде вишоци електрична енергија во количина од 35 400 мегават часови, за вкупна сума од 2. 079. 000 евра, информира директорот за производство на АД ЕЛЕМ, Благојче Трповски.


Тој рече дека просечната цена која била постигната е 58.73 eвра за мегават час и појасни дека продажбата била поделена на два лота.

„Во првиот ЛОТ се продаваше електрична енергија за август и во овој ЛОТ беше постигната цена од 65 eвра за MWh. Во вториот ЛОТ се продаваше електрична енергија за септември и овде се постигна цена од 54,85 eвра за MWh“, посочи Трповски.

Директорот за производство на АД ЕЛЕМ нагласи дека ова е четврта аукција за продажба на електрична енергија од почетокот на годинава.

„До овој момент, практично првата половина на 2018, ЕЛЕМ продаде вкупно 205.560 MWh со вкупен приход за ЕЛЕМ од 10.799.558 евра. Што се однесува до изминатиот период, во изминатите неколку години или имаше многу малку или воопшто немаше продажба на вишоци електрична енергија од страна на ЕЛЕМ, така што ова го сметаме за значаен успех на ова раководство и значајно постигнување на компанијата и нејзиното производство“, истакна Трповски.

Додаде дека целта е и натаму да се продолжи со ова темпо и електрична енергија да се продава и во следните месеци.

„Веруваме дека сето тоа ќе придонесе за финансиските резултати на компанијата, без притоа да ги нарушуваме домашните обврски, односно производството за тарифните потрошувачи”, кажа директорот за производство на АД ЕЛЕМ.

0 Shares