Започна Фин Хакатон: Отпочнување сопствен бизнис и 1,5 милиони денари за победниците

Сума од 1,5 милиони денари и можност за отворање на сопствена фирма се наградите кои ќе го добијат победниците на ФинХакатонот, кој започна денес. На предизвикот организиран од Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој, седум тима се натпреваруваат да направат најдобра апликација, видео или игра за Граѓанскиот буџет.

Kако што истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски, eден од приоритетите на Владата е да ја подобри транспарентноста во јавните финансии, односно граѓаните да имаат увид во тоа како се трошат нивните пари. Тевдовски рече дека изминатиот период е работено многу на подобрување на транспарентноста и дека се постигнати значајни резултати, но дека сега се оди на следното ниво и се очекуваат предлози од самите граѓани. Тој истакна дека некои од најдобрите идеи доаѓаат токму од граѓаните.

„Производите кои ќе ги креирате се многу важни за граѓаните. Колку граѓаните се поинформирани, колку повеќе разбираат на што се трошат државните пари, толку е поголема нивната контрола над јавните финансии. Ако податоците во Буџетот станат попристапни за јавноста, тогаш во него нема да има жални врби, палми и споменици, туку патишта, училишта, болници“, рече Тевдовски.

Тој појасни дека освен со парична награда, победниците заминуваат и со своја фирма, односно тие ќе може да го развијат и продаваат производот креиран на хакатонот.

„Влогот е голем. Можете да станете сопственици на фирма со производ кој ќе ги опслужува сите македонски граѓани“, рече Тевдовски.

Според директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски со Фин Хакатон, продолжуваат серија иницијативи со кои Фондот за иновации дава можности за младите луѓе да предложат решенија со кои ќе се отворат институциите и ќе се подобри општеството.

„Хакатоните како форма на натпреварување се пристап со кој ги промовираме промените. Со нив ги охрабруваме младите да бидат лидери кои ја креираат промената, а од друга страна сакаме да им дадеме шанса на генерациите кои можат да и дадат глобална перспектива на земјата“, истакна Деспотовски.

Натпреварувачите од денеска до недела ќе се преселат во Министерството за финансии, каде 48 часа без прекин ќе работат на апликацијата, играта или видеото. Во недела, жири комисијата ќе ги оцени најдобрите решенија.

Хакатонот е натпревар, предизвик, во кој во ограничен временски период и простор програмери, графички дизајнери, хакери и креатори на софтвер, економисти, маркетинг специјалисти, да работат на развој на софтверски или мултимедијален производ на зададена тема.