Марк Цукерберг стана третиот најбогат човек на светот

Коосновачот на социјалната мрежа Фејсбук, Марк Цукерберг ја зазема третата позиција меѓу најбогатите луѓе во светот.

На крајот на петочната трговска сесија, кога акциите на Фејсбук додадоа 2,4% на својата вредност, Цукерберг го зголемил своето богатство до рекордни 81.6 милијарди долари. Со тоа се најде пред Ворен Бафет, кој според последните податоци поседува 81.2 милијарди долари.

Од почетокот на 2018-та година, акциите на Фејсбук додадоа 15 отсто на нивниот рејтинг на пазарот. За прв пат во историјата на рангирањето, предводено од Блумберг и пласманот на најбогатите 500 луѓе на планетата, првите три позиции ги заземаат технолошки титани.

Основачот на Амазон, Џеф Безос, продолжи да води со 141 милијарда долари, по што следи Бил Гејтс (Мајкрософт) со 94,2 милијарди долари. Топ 10 најбогатите луѓе во светот имаат вкупно 774 милијарди долари.