Мицкоски пред Собрание запали свеќа во чест на Никола Саздовски

Пред Собранието започна мирен собир во чест на загинатиот член на навивачката група Комити, 20-годишниот, Никола Саздовски, кој на 29 јуни беше нападнат и брутално претепан од три лица, а вчера им подлегна на повредите.

На собирот присуствува и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој се појави во дрес на Вардар и пред сликата на младиот навивач, поставена непосредно пред Собранието, запали свеќа.

Потоа Мицкоски го соблече дресот и го остави во чест на Саздо.

Собирот се одржува без пароли, без извици, во чест на предвреме починатиот Саздовски. Меѓу присутните на собирот е и Солза Грчева, лидерка на партијата „Глас за Македонија“.

Претходно денеска, членови на навивачката група Комити, пред Собранието исто така запалија свеќи за Никола. На групата млади луѓе им се приклучија и неколку случајни минувачи, како и граѓаните што со денови ја блокираат улицата пред Собранието во знак на протест против промената на името. Тие во рацете држеа фотографии од починатото момче.