Димитров – Сејлс: Македонија ја поддржува Глобалната коалиција за борба против тероризмот

Меѓународните активности и поддршката што Македонија ја дава на Глобалната коалиција за борба против тероризмот беа во фокусот на билатералната средба што ја остварија министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и координаторот во Стејт департментот на САД за борба против тероризмот, Натан Сејлс, во рамки на првиот ден од Самитот на НАТО.

„Димитров информираше за преземените национални активности во подготовката на општеството за справување со овие предизвици, акцентирајќи ја пред сè важноста за превенција од ваквите закани, водејќи притоа посебна грижа за младите луѓе како најранлива категорија во општеството, преку активно вклучување на граѓанскиот сектор, невладините организации, како и едукативно-образовните институции во државата“, соопшти прес-службата на Министерството за надворешни работи.

На покана на организаторите, Димитров ќе учествува и на настанот што ќе се одржи во седиштето на алијансата: NATO Engages – Дијалог од Бриселскиот самит, во организација на Атлантскиот совет и Германскиот маршал фонд на САД, Минхенската безбедносна конференција, како и Бриселската фондација – Жените во меѓународната безбедност, каде излагање ќе има и претседателот на Владата, Зоран Заев. Фокусот на излагањата и дискусиите на настанот ќе бидат посветени на повеќе актуелни теми од глобалните политички и безбедносни соработки, новите безбедносни предизвици и улогата и активностите на алијансата во тие процеси.

Димитров, заедно со висока владина делегација од земјава, предводена од премиерот Зоран Заев, учествува на самитот на НАТО, што денеска и утре се одржува во седиштето на алијансата во Брисел.