Германија официјално забрани банда блиска до партијата на Ердоган

Германското Министерството за внатрешни работи ги забрани активностите на организацијата „Османен Германија“, која претежно се состои од граѓани со турско потекло на кои им се прeпишува тесната соработка со партијата АКП на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Ова здружение претставува голема опасност за општеството“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.

Групата, која во својата организација и структура се угледува на моторџиската банда Hells Angels, официјално е регистрирана како боксерски клуб, а ѝ се припишувaат вмешаност во трговија со дрога, убиства, киднапирањa, подведувањa и присилна проституција.

Против осуммина членови на оваа група во тек е судски процес во Штутгарт за слични кривични дела.

Соопштението за забрана на активностите на „Османен Германија“ дојде кога претходно беа извршени претреси во просториите на здружението во целата држава.

Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, најави одлучна битка против секој вид организиран криминал.

„Кој го отфрла владеењето на правната држава не може од нас да очекува каков било вид помилување“, рече Зехофер.

Според информациите на министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна Вестфалија, Херберт Реул, припадниците на „Османен Германија“ употребуваат насилство и против политичките противници на турскиот претседател Ердоган, како што се членовите на Курдистанската работничка партија (ПКК).