Го достигнаа ли луѓето максималниот животен век?

Дали е достигнат максималниот животен век на човекот е прашањето што често се поставува во научните кругови. Според резултатите од една студија спроведена кај италијански стогодишници, одговорот е – сè уште не.

Во науката веќе долго време се дебатира за тоа дали луѓето го имаат достигнато врвот во поглед на долговечноста. Според истражување објавено во списанието „Натура“ во 2016 година, животниот век на човекот го достигнл зенитот во 1997 година кога Французинката Жанет Калмант умрела на 122 години.

Сепак, нов напис објавен во списанието „Сајанс“ укажува на можноста за продолжување на човечкиот живот. Авторите, всушност, веруваат дека животниот век на човечкиот род станува подолг со текот на времето.

Научниците се повикуваат на податоци собрани од 3.800 стогодишници во Италија кои покажаа дека ризикот од смрт се забавува по 105. година.

„Кога старееме, нашето здравје се влошува, а ризикот од смрт се зголемува. Сепак, во случаи на екстремна старост овој тренд се намалува“, вели коавторот на студијата Кенет Вочер, професор по статистика на Универзитетот „Беркли“ во Калифорнија.

„Не оди најдобро, се разбира, но ризиците престануваат да се зголемуваат и практично се израмнуваат. Ова се нарекува плато на смртноста“, изјави Вочер за АФП.

Истражувачите ги анализирале податоците собрани од сите жители во Италија кои имале над 105 години, во периодот меѓу 2009 и 2015 година, со што со истражувањето биле опфатени 3.836 лица.

Со проучување на стапката на смртност меѓу луѓето на иста возраст научниците откриле дека со текот на времето се бележи мал пад на стапката на смртност.

Притоа научниците потенцираат дека социоекономските фактори и подобрата медицинска грижа може да бидат важни фактори во продолжувањето на човечкиот живот.