(Видео) Таксистите на протест бараат да им биде вратена старата локација на станицата на Бит-пазар

Таксисти од неколку компании веќе неколку часа ја блокираат крстосницата кај „Мавровка“ со барање да им се врати старата локација на станицата на Бит-пазар.

„По барање на Град Скопје, се преместивме од такси-станицата пред ‘Зегин’ на новообележаната такси- станица подолу, но по повеќе од десетина дена увидовме дека таму нема воопшто работа. Ние се обидовме да се вратиме на такси-станицата кај ‘Зегин’, но полицијата не ни дозволи. Никој не нè праша нас, таксистите, дали е во ред да има таму такси-станица. Кај оваа станица не можеме да ги покриеме ниту дневните трошоци, а не, пак, придонесите или да имаме каква било заработка“, вели еден од таксистите, Мендух Гавази.

Таксистите велат дека се свесни оти треба да го почитуваат Законот, за тоа се уредно и законски регистрирани со лиценци, но велат дека локацијата на новата такси-станица не им оди во прилог ниту на нив, ниту на граѓаните.

„Ако не ни дозволите три места кај Зегин, на Бит-пазар, каде што бевме, ќе мора да се откажеме од нашата дејност, што би значело уште повеќе невработени и поголема сиромаштија. Не е првпат да се бара ова што ние го бараме. Вакви побарувања од таксистите имало и порано, и биле одобрувани. Едно од нив е случајот кај меѓуградската автобуска станица. Бараме итно решавање на нашиот проблем“, вели Гавази.

Од Град Скопје велат дека градот направил напор и го решил големиот проблем на таксистите кои беа сместени на такси-постојка која, како што велат, ниту ним, ниту, пак, на корисниците на услугите не им овозможуваше услови за нормално одвивање на работата.

-Град Скопје преуреди еден дел покрај пазарот, со што се прошири просторот на такси-постојката и се овозможија технички подобри услови за работа на таксистите. Град Скопје нема добиено барање за враќање на постојката на старото место, и нема намера да ја врати назад, истакнуваат од Град Скопје.

Според нив, понуденото и изведено решение претставува максимално квалитетно регулирање на постојката, во согласност со потребите на корисниците на услугите, стопанствениците, таксистите, како и во согласност со сообраќајните и урбанистичките решенија на просторот.

Виктор Јованов

(Makfax)