Германија, Италија и Австрија за цврста заштита на надворешните граници

Министрите за внатрешни работи на Германија, Италија и на Австрија денеска изнесоа цврст став во однос на прашањата за миграцијата и рекоа дека Европа треба да ги заштити своите надворешни граници и да се избори против шверцувањето луѓе.

Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, разговара со колегите министри од Австрија и Италија, Херберт Кикл и Матео Салвини, во пресрет на состанокот на министрите за внатрешни работи на Европската Унија.

Кикл истакна дека групата сака да испрати јасна порака до светот, а особено на шверцерите на луѓе, дека во иднина нема да биде можно и не би требало да се случува да се патува на територијата на ЕУ, без право на азил.

Зехофер истакна дека министрите, чиј став е тврд во однос на миграцијата, бараат европски решенија, но и дека секој од нив знае дека тоа ќе биде херкулски подвиг.