Германија набргу ќе ѝ го испорача Пучдемон на Шпанија

Налогот за екстрадиција на Карлес Пучдемон, поранешниот претседател на шпанскиот регион Каталонија, набргу ќе биде одобрен од државниот правобранител на федералната германска провинција Шлезвиг-Холштајн, соопшти денеска портпаролот на оваа институција.

Судот во северниот германски град Шлезвиг одлучи дека Пучдемон може да биде екстрадиран под обвинение за злоупотреба на државните фондови, но го отфрли посебното обвинение за бунт.

Со цел да се изврши екстрадицијата, потребно е одобрение од државниот правобранител.

Шпанија побара екстрадиција на Пучдемон поради клучната улога што тој ја имаше во контроверзниот референдум за независност на Каталонија, што се одржа минатиот октомври.

По референдумот, Пучедемон побегна во Белгија, но беше уапсен во Германија на 25 март.