Кон крајот на јули во Скопје пристигнува првиот тим експерти за преговорите со НАТО

Кон крајот на јули во Скопје ќе пристигне првиот тим експерти за техничките прашања поврзани со пристапните преговори со НАТО, брифира за „Макфакс“ висок претставник на алијансата во Брисел. Се очекува процесот на суштинските преговори да почнат во септември кога повторно во Скопје ќе дојде тим експерти на северноатлантската алијанса.

Преговорите се очекува да траат од 6 до 8 месеци, а ратификацијата на пристапниот протокол приближно една година. Некои од прашањата за кои ќе се разговара се за тоа колку пари од буџетот за одбраната издвојува Македонија, потоа за бројот на воени офицери, за реформите во земјата…

НАТО ќе ги цени и реформите од планот 3-6-9 и од извештајот на Рајнхард Прибе. Се очекува земјата да го зголеми бројот на вработени во постојаната мисија на НАТО во Брисел. Владата ќе треба да изготви и реформски план поврзан со поканата за членството во НАТО.

Според информации на „Макфакс“, се очекува Грција прва да го потпише пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО по референдумот и уставните промени, со што ќе испрати порака дека е за побрза интеграција на Македонија во северноатлантската алијанса.
Поканата за НАТО што Столтенберг ќе му ја врачи на Заев содржи и анекс во кој е наведена целата процедура за прием на Македонија во алијансата.