СДСМ: Поканата за влез во НАТО е историски успех, Македонија незапирливо оди напред

Остварен е уште еден историски успех на Македонија и нејзините граѓани. Република Македонија доби покана за влез во НАТО, истакнуваат денеска од владејачкиот СДСМ.

Оттаму им честитаат на сите граѓани и додававаат дека станува збор за заеднички постигнат успех.

„Вратите на алијансата се отворени, обезбедено ѝ е местото на Македонија во НАТО. Ова е остварување на врвните стратешки цели на Македонија поставени уште од денот на нејзиното осамостојување. Се оставруваат децениските заложби на претходните и сегашните генерации, се обезбедуваат стабилноста, развојот и иднината на наредните генерации“, се наведува во партиското соопштение.

Од СДСМ истакнуваат дека членството во НАТО не значи само обезбедена сигурност и стабилност, туку значи и повеќе инвестиции, зајакната меѓународна доверба во македонската економија, нови работни места и повеќе пари во секое семејство.

„По години изолација, неизвесност и стагнација, денес вратите за членство во НАТО и започнување преговори со ЕУ се отворени, македонскиот идентитет и иднина се обезедени. Македонија станува дел од семејството на кое му припаѓа. Добар глас за нашата земја се шири во демократскиот свет. Позитивните вести за Македонија се на насловните страници на светските медиуми и влијателните новинарски агенции“, се вели во соопштението на владејачката партија.