Трамп е најследениот светски лидер на „Tвитер“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, е лидер што има најмногу следбеници на социјалната мрежа „Твитер“ пред папата Фрaнциско и индискиот премиер Нарендра Моди, се наведува во годишниот извештај Twiplomacy, објавен од организацијата „Берсон Кон енд Волф“.

Над 52 милиона корисници на „Твитер“ го следат налогот на американскиот претседател, кој важи за светски лидер со најголем број следбеници на социјалната мрежа од октомври 2017 година.

Трамп тогаш го надмина поглаварот на Римокатоличката црква со 47 милиони корисници на „Твитер“, кои ги следат неговите активности на девет јазици, се вели во истражувањето.

„Индискиот премиер го зазема третото и четвртото место со 42 милиона следбеници на личниот и 26 милиони следбеници на неговиот официјален профил“, се додава во студијата.

Во Европа најследена е британската премиерка, Тереза ​​Мeј, која има околу пет милиони следбеници. По неа е францускиот претседател Емануел Макрон со три милиони.

187 шефови на држави и влади имаат профили на „Твитер“, а шест држави немаат свои претставници на социјалната мрежа, a тоа се Лаос, Мавританија, Никарагва, Северна Кореја, Свазиленд и Туркменистан.