ВМРО-ДПМНЕ: Наместо да шири лажна еуфорија, Заев треба да му се извини на народот

Зоран Заев повторно ја лаже јавноста, односно Република Македонија не доби ништо повеќе од тоа што веќе го има добиено во 2008, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавата на премиерот во Брисел.

Оттаму додаваат дека Република Македонија условите за членство во НАТО ги исполнила уште во 2008 година кога биле на власт.

„Поради Заев, сега дополнителниот услов не е решавање на проблемот што Грција го имаше за нашето име, туку откажување од името Република Македонија и бришење на македонската историја, традиција и култура. Власта нема добиено ништо повеќе, но затоа има дадено многу повеќе. Зоран Заев ја понижи државата и потпиша промена на името на државата, ги прифати грчките црвени линии за промена на Уставот, идентитетот и јазикот“, се наведува во партиското соопштение.

Од опозициската партија додаваат дека Зоран Заев е човек што со манипулации мисли дека ќе ја излаже јавноста за, како што велат, капитулацијата што ја има направено.

„Граѓаните не можат да бидат излажани. Граѓаните знаат дека Зоран Заев е човекот што ја потпиша капитулацијата на државата. НАТО-членството е приоритет и на ВМРО-ДПМНЕ, но базирано на достоинство и чест, а не на понижување и капитулација“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што додаваат дека Зоран Заев и СДСМ, наместо да шират лажна еуфорија, треба да му се извинат на македонскиот народ.